ЛАВИРИНТ

Жени лидерки за обнова на Украина – Студенти за правда во Србија

Јавување од Киев и разговор за српските студентски блокади

Трета Нова Година Украинците ќе ја пречекаат со војна. Состојбата на фронтовите нема големи изгледи да се промени без политчко решение, но затоа активностите за правење планови за обнова на државата во поствоениот период, стануваат се поистакнати. Од Украина ја вклучуваме Ирина Дробович, основач на фондацијата The Day After со која разговараме за потребата однапред да се испланира и инспирира обновата на Украина.

Во Србија пак, протестите се масивизираа откако студентите од сите факултети стапија во блокада. Тие добија поддршка од професорите, а по нив почна да блокира и средношколскиот Сојуз. Нашиот режисер Леонид Велковски кој студира на Новосадскиот факултет исто така е гостин во денешното издание на Лавиринт. Разговараме за активностите и за барањата на српските студенти.

Сирија ослободена од диктаторот, но тероризмот се уште е закана

Интервју со воениот репортер Бад Вичерс

По 13годишна граѓанска војна, речиси без борба падна режимот на Башар ал – Асад во Сирија. Бунтовничката ХТС (Хајат Тахрир ал Шам) ја презема власта и се обидува да направи мирна транзиција. Во меѓувреме, САД, Израел и Турција бомбардираат места кои се упоришта на ИСИС, курдската партија или места за кои постои сомнеж дека има остатоци од хемиското оружје кое го користеше Асад. Во оваа епизода разговараме со воениот репортер, Бад Вичерс од Холандија кој од самиот почеток на востанието во 2011 известува од Сирија. Вичерс има големо искуство во известувањето од Блискиот Исток, а во Сирија известувал од најголемите жаришта и бил во контакт со речиси сите фракции кои се бореа во Сирија. Тој вели дека е добро што конечно падна режимот, но сепак се сомнева од можни терористички жаришта, односно се сомнева дека ХТС ги прекинала сите врски со претходниот “чадор“ Ал Нусра фронт, кој практично беше сирискиот
огранок на Ал Каеда.

Тензично во Србија: Граѓаните не се откажуваат – власта не попушта

Интервју со пратеникот, Срѓан Миливојевиќ

Тензиите и протестите во Србија не стивнуваат. Граѓаните не се откажуваат од барањето одговорност за несреќата во која животот го загубија 15 лица. Во меѓувреме, власта апси демонстранти, а опозицијата се обидува да ги извади од притвор. Блокади почнаа и студентите од речиси сите факултети ширум Србија. За ова и за идните чекори на опозицијата разговараме со пратеникот од редовите на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ.

Гледајте го целото интервју.

Шекеринска назначена за втор човек на НАТО – Што значи тоа за државата?

Интервју со безбедносниот експерт и поранешен советник во министерството за одбрана, Емир Хасановиќ

Поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска е назначена за Заменик Генерален Секретар на НАТО, со што станува првата Македонка која добива висока функција во најмоќната воена Алијанса на светот. Шеќеринска беше на чело на министерството токму во моментот кога се случи приемот во НАТО, а нејзиното назначување за нашата држава може да биде само позитивно – смета експертот за безбедност и поранешен советник во министертвото за одбрана, Емир Хасановиќ. Поразговаравме и за идните очекувања од Алијансата, како и за актуелните европски и глобални безбедносни прашања.

Гледајте го целото интервју.

Кравчук: Целта ни е Путин да сфати дека нема да бидеме „сива зона“ меѓу НАТО и Русија

Интервју со украинската пратеничка Јевгенија Кравчук која беше и набљудувач на изборите во САД

Дали и како ќе се спроведува Планот за Победа на украинскиот Претседател, Володимир Зеленски? Што значи враќањето на Трамп во Овалната канцеларија за Украина? На овие теми разговараме со украинската пратеничка, Јевгенија Кравчук која беше и набљудувач на изборите во САД. Пратеничката цврсто верува во победата на Украина и вели дека нејзината земја во изминатите три години работеше многу на производство на свое оружје, но сепак очекува сојузниците и понатаму да ја поддржуваат Украина. Разговаравме и за желбата на Украина да се приклучи на НАТО, како и за евентуалните преговори на високо ниво и можно учество на рускиот Претседател Владимир Путин на следната мировна конференција.

Франција се справува со новонастанатата политичка ситуација – Србија на нозе пострашната несреќа во Нови Сад

Анализа на состојбите во Франција и Грузија по изборите и сведоштво од протестите во Србија

По изборите во Франција се случи нов моментум во француската политика. Коалицијата е на стаклени нозе, а нови избори се можни дури по една година – објаснува во Лавиринт, политичкиот советник од редовите на партијата на Макрон, Матијас Васкес. Васкес беше дел и од набљудувачката мисија на изборите во Грузија и ни дава подетални информации за неправилностите во спроведувањето на изборите, кои резултираа со масовни протести.

Гостин во Лавиринт е и младиот режисер Леонид Велковски, кој во моментов студира во Нови Сад и ни ја пренесува атмосферата од масовните протести кои се случија таму по страшната несреќа на железничката станица во која загинаа 14 лица.

Гледајте ја целата епизода.

Трамп се враќа во Овалната Канцеларија – Дали ќе ги сопре војните како што вети?

Американците се изјаснија – тројна победа за Републиканците.

Американците се изјаснија, го враќаат Трамп во Белата Kуќа. Лавиринт со јавувања од Тампа, Флорида и Синсинати, Охајо анализира како новиот Претседател дојде до оваа победа и како неговиот избор ќе се одрази на глобалната геополитика. Атмосферата од Флорида ни ја пренесува новинарката Џалиса Дугро, а анализата за идните чекори на Трамп на светската политичка сцена ја правиме со Професорот Иван Динев од Универзитетот во Синсинати.

Гледајте ја целата епизода.

Грузија во постизборен хаос – САД на предизборна крстосница

Анализа на изборите во Грузија и анкета од Флорида за очекувањата на Американците.

Помалку од една недела до најважните американски избори во поновата историја. За Лавиринт, колешката Џалиса Дугро од Флорида разговараше со млади луѓе за нивните ставови и очекувања за претседателските кандидати.

Грузија пак, повторно на нозе по изборите во кои победи владејачката „Грузиски сон“. Народот, опозицијата и меѓународната јавност не ги признаваат резултатите. Унгарскиот Премиер Виктор Орбан е единствениот европски лидер кој се појави со поддшка за грузиските колеги. Разговараме со Екатерине Басилаија – директорка на Центарот за медиумски и социјални истражувања на Грузија за атмосферата во Тбилиси и реакциите по изборите.

Гледајте ја целата епизода.

Хитај: Откако Албанија ги реши билатералните спорови, битката со корупцијата е последниот чекор кон ЕУ

Апсењето на екс Претседателот Мета, мигрантските кампови и ЕУ патот на Албанија во фокусот на овој Лавиринт.

Албанија тргна во жестока борба против корупцијата – вака албанските граѓани гледаат на апсењето на поранешниот Претседател, Илир Мета. Со колегата Арбер Хитај од Репорт ТВ од Тирана, разговараме за апсењето и за довербата во Специјалното Обвинителство. Теми на разговор беа и мигрантскиот камп, како и евроинтеграциите, односно одблокираниот пат на Албанија и балканската тура на Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен која почна токму од Тирана.

По Тирана, Фон дер Лајен го посети Скопје. Од Владата, таа ги уверуваше граѓаните дека проширувањето останува во фокусот на европската агенда. Ниту Претседателката на ЕК Фон дер Лајен, ниту Премиерот Мицкоски не дадоа конкретен одговор на прашањето дали за ЕУ е прифатлив предлогот за одложена имплементација на евентуалните уставни измени.

Дали ЕУ го менува курсот за мигрантската и политиката на проширување?

Берлински процес – 10 години подоцна

Лидерите од Западен Балкан заедно со европските колеги одбележаа 10 години од Берлинскиот процес. Ниту една балканска држава, во изминатава декада, не ја оствари својата цел да стане дел од европското семејство. За иднината на Унијата, промената на курсот на мигрантската и политиката на проширување, како и улогата на Германија на континентот, разговараме со колегата Александар Методијев.

Гледајте ја целата епизода.

Scroll to top