Интервју со безбедносниот експерт и поранешен советник во министерството за одбрана, Емир
Хасановиќ
Поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска е назначена за Заменик Генерален Секретар на НАТО, со што станува првата Македонка која добива висока функција во најмоќната воена Алијанса на светот. Шеќеринска беше на чело на министерството токму во моментот кога се случи приемот во НАТО, а нејзиното назначување за нашата држава може да биде само позитивно – смета експертот за безбедност и поранешен советник во министертвото за одбрана, Емир Хасановиќ. Поразговаравме и за идните очекувања од Алијансата, како и за актуелните европски и глобални безбедносни прашања.
Најголемата воена Алијанса ја одбележа 75 годишнината од своето постоење со Самит во чиј фокус е војната на европско тло. Лидерите на земјите членки се собраа во американската престолнина да ја потврдат заложбата за помош на Украина. Дел од нив, ги искористија маргините на Самитот за средби поврзани со билатерални прашања. Средба на македонскиот и грчкиот премиер не се случи, а новинарските кулоари велат дека немало интерес на големите сили да дискутираат за вакви прашања во рамки на Самитот. Од прес собата во Вашингтон ја вклучуваме воената репортерка и коресподент за висока политика од Романија, Кристина Чилеаку. Освен што Алијансата ги потврди заложбите за помош на Украина, Чилеаку не информира и за останатите договорени стратешки определби, како декларирање на Кина за земја помагач на руската агресија. Ја замоливме Чилеаку да ги проследи и средбите на македонскиот премиер.
Од француската престолнина пак, разговараме со советник во француското Собрание на теми поврзани со големиот пресврт кој се случи на изборите. Советникот Матијас Васкез од редовите на партијата на Макрон зборува за расположението на гласачите и за постапките на партиите кои водеа до ваков пресврт. Во моментов, главниот предизвик со кој се соочува Франција е изборот на премиер, за кој се чини дека победничката коалиција има потешкотии да го избере. Васкез е добар познавач на македонските и балканските состојби со оглед на фактот дека претходно бил на мисии во овие земји, па го искористивме ова јавување за да го прашаме и за мислење за францускиот предлог кој се наметна по бугарските најави за вето.