Грузијците ќе ја пречекаат Новата Година на протести и нема да се откажат од својата европска иднина – вели првата опозиционерка од партијата For the people, Ана Долидзе. Долидзе е експерт по меѓународно право, до 2018 била правен советник на Претседателот, а потоа и член на Судскиот совет.
Во Лавиринт разговаравме за украдените избори и за руското хибридно влијание кое успеа да ја отргне земјата од евроинтегративниот пат. Протестите ескалираа, а употребата на водени топови и насилство од страна на полицијата, не ги предомисли Грузијците и понатаму да се борат за своите права. Околу 500 демонстранти, меѓу кои има и повредени, празниците ќе ги пречекаат во притвор. Со Долидзе разговаравме и за меѓународната поддршка и за санкциите кои ги наметнаа САД и Велика Британија за дел од грузијскоте власти, но не и Европската Унија.
Јавување од Киев и разговор за српските студентски блокади
Трета Нова Година Украинците ќе ја пречекаат со војна. Состојбата на фронтовите нема големи изгледи да се промени без политчко решение, но затоа активностите за правење планови за обнова на државата во поствоениот период, стануваат се поистакнати. Од Украина ја вклучуваме Ирина Дробович, основач на фондацијата The Day After со која разговараме за потребата однапред да се испланира и инспирира обновата на Украина.
Во Србија пак, протестите се масивизираа откако студентите од сите факултети стапија во блокада. Тие добија поддршка од професорите, а по нив почна да блокира и средношколскиот Сојуз. Нашиот режисер Леонид Велковски кој студира на Новосадскиот факултет исто така е гостин во денешното издание на Лавиринт. Разговараме за активностите и за барањата на српските студенти.
Тензиите и протестите во Србија не стивнуваат. Граѓаните не се откажуваат од барањето одговорност за несреќата во која животот го загубија 15 лица. Во меѓувреме, власта апси демонстранти, а опозицијата се обидува да ги извади од притвор. Блокади почнаа и студентите од речиси сите факултети ширум Србија. За ова и за идните чекори на опозицијата разговараме со пратеникот од редовите на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ.